Скопје, 21 јануари 2020.

Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за полесна интеграција во ЕУ

Седум претставници на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на Северна Македонија ќе се обучат и ќе разменат искуства со експерти од Хрватска, сè со цел да ги зајакнат капацитетите на агенцијата во областа на системите за идентификација на корисници, системите за земјоделски парцели, за регистрација на плаќање и други системи и процедури согласно стандардите на Европската Унија. Тридневната обука, спроведувана од претставници на хрватската Платежна агенција за земјоделство, рибарство и рурален развој се организира во рамки на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, финансиран од кралствата Норвешка и Шведска, а претставува и дел од меѓу-државната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Хрватска. Секретаријатот за европски прашања врши координација на оваа поддршка и одредување на приоритетните сектори за добивање техничка поддршка.

Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер, истакна дека оваа техничка поддршка од хрватските институции се случува во момент кога Хрватска го презема Претседателството со Европската унија. Како што истакна таа Хрватска не е само партнер, туку и искрен пријател кој нè поддржува во нашите стратешки цели. „Соработката со Хрватска е подигната на повисоко ниво, затоа што Хрватска одвојува свои буџетски средства со цел да го поддржи нашиот процес на евроинтеграција. Денешниот работен состанок во Агенцијата е многу важен, затоа што токму оваа институција има клучна улога во процесот на преговори во поглавје 11 кое се однесува на земјоделието. Токму преку ваквите активности, со поддршка на хрватските колеги ќе се помогне во подобрување на интероперабилност на институциите кои се вклучени во овој сектор“, кажа државната секретарка Габер.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и  руралниот развој  е втора институција за која преку проектот е обезбедена поддршка од хрватски експерти за подобрување на капацитетите за ЕУ интеграции. Амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ, истакна дека Хрватска се залага за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и се целосно ангажирани по ова прашања во ЕУ институциите.

„Преку соработката на техничко ниво, како и преку сите други преземени чекори, Република Северна Македонија треба да покаже спремност да го започне овој процес. Република Хрватска и амбасадата во Скопје останува отворена за сите наредни соработки со националните институции“, нагласи амбасадорката Тигањ.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, се зајакнуваат капацитетите на Агенцијата, се јакнат капацитетите и на останатите институции на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, во сите фази на пристапниот процес.

„Градењето на капацитети и  споделувањето на вештините во денешно време се најскапоценото нешто, затоа што ако ги знаеш вештините и знаеш како, многу лесно може да се надминат сите потешкотии и да се дојде до посакуваната цел. Нашата цел е јасна, прилагодување кон заедничката земјоделска политика на Европската унија. Се надевам дека Република Хрватска која во овој момент е претседавач со Европската Унија, преку овој проект како и до сега ќе ни помогне да го изодиме патот на евроинтеграциите и ќе ни биде поддршка за влез во Европската Унија“, истакна директорот Бабовски.

Преку Проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ неколку клучни институции ќе добијат поддршка за приближување на националното законодавство и прилагодување на регулативите до европските, како дел од процесот на ЕУ интеграција на земјата.