Скопје, 5 ноември 2021.

Продолжуваат активностите за ремедијација на загадената почва во ОХИС

Сложената операција за ремедијација на почвата загадена со линдан во ОХИС напредува добро. Избраниот изведувач на активностите, компанијата Полиеко, изврши чистење на површината, ја инсталираше неопходната опрема и механизација околу малата депонија во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, и се подготвува да го постави шаторот со негативен притисок кој е потребен за безбедно спроведување на работите.

За време на својата посета во ОХИС, заменик амбасадорот на кралството Норвешка, Геир Хакон Јохансен беше информиран за технологијата и практиките кои се користат во процесот на ремедијација. Оваа операција се спроведува во согласност со највисоките меѓународни стандарди и кодекси, со значителен фокус на заштитата на здравјето на работниците и околните жители. Во процесот на работа, на самата локација постојано се вршат основни мерења (земање на примероци од воздухот) за потребите на мониторинг на животната средина, за да се потврди дека се почитуваат сите стандарди за здравјето на луѓето. Заради опасната природа на линданот, подготвителната фаза на процесот на ремедијација е доста темелна, бидејќи ги поставува темелите за безбедно и сигурно ископување на линданот кој е депониран во малата депонија во ОХИС.

Досега, преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, Норвешка ја поддржа Владата на Република Северна Македонија со 1,7 милиони евра за разрешување на оваа прашање, кое се смета за едно од најопасните еколошки жешки точки во земјата.