Скопје, 5 февруари 2021.

Хармонизација на законодавството во областа на сточарството

Процесот на пристапување во Европската Унија вклучува и усвојување модел на земјоделски политики со многу концепциски, административни и финансиски прилагодувања на постојниот модел кон политиките на ЕУ. Од тие причини, потребни се реформи за да се усогласат правната и институционалната поставеност на земјата во однос на единствениот пазар на Еврoпската Унија и на наједноставен начин да се интегрира земјоделскиот сектор на земјата кандидат во ЕУ. Токму затоа се потребни хармонизација на законодавството, реформа на политиките и економско прилагодување на земјата кандидат во процесот на пристапни преговори.

Во рамките на соработката на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, со хрватскиот Центар за исклучителност, хрватскиот експерт г. Саша Паприка преку онлајн работилница им помагаше на домашните институции во дополнително усогласување на новиот Закон за сточарство, кој е во процес на изработка. На работилницата се разгледуваа различни аспекти во процесот на усогласување, а кои произлегуваат од Регулативата 1012.2016 на ЕУ. Тоа вклучува правила за спроведување на програмата за одгледување животни, вклучувањето на операторите и нивната улога, како и надлежностите на другите домашни институции. За да се обезбеди усогласеност на ниво на сите засегнати страни, на работилницата, покрај претставниците од Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, учествуваа и претставници на Секретаријатот за европски прашања, како и инспекциските органи. 

Република Хрватска во изминатите години силно ја поддржува Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Оваа поддршка на политичко ниво е постојано присутна низ различните процеси на највисоко ниво во самата ЕУ. Покрај тоа, Република Хрватска преку своето Министерство за надворешни и европски работи во континуитет дава техничка поддршка на националните институции во земјава. Дел од поддршката се одвива во рамките на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“. Во следниот период со поддршка на хрватските ескперти ќе се доработи финалниот предлог-закон, којшто ќе биде доставен во собраниска процедура.