Скопје, 29 јануари 2021.

Медиумите и граѓанските организации со исклучително важна улога во процесот на интеграции во ЕУ

Околу шеесет претставници на државни институции, граѓански организации, медиуми и експерти разговараа за нивната улога и значење во процесот на интеграција во ЕУ во рамките на конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции во ЕУ“, организирана од Телма телевизија и Македонскиот центар за меѓународна соработка - МЦМС како спроведувачи на проектот Еурофокус.

Проектот Еурофокус е еден од десетте проекти на граѓански организации и медиуми, овозможени со грант на  Агенцијата за меѓународна развојна соработка на Шведска (Sida), доделен преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија за нивна активна вклученост и поддршка во процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.

„Граѓанскиот сектор има исклучително важна улога во демократизацијата на општеството и како извор на знаење и како контролор и критичар на власта“, рече Никола Димитров, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. Според Димитров, слободата на медиумите е предуслов за движењето на општеството напред. 

Според амбасадорката на Шведска, Форсгрен Бенгтсон, реформите мора да произлезат од јавната желба за промени.

„Шведска останува силен поддржувач на Северна Македонија на патот кон заедничка  иднина во ЕУ.  Поддршката на Шведска треба да се гледа како придонес кон подготовките и подготвеноста на Северна Македонија за ЕУ.  Станува збор за реформи во различни сектори, но исто така станува збор и за вредности - демократија, човекови права, еднаквост, основни права и така натаму“, рече амбасадорката Форсгрен Бенгтсон во своето обраќање.

Слободата на изразување е клучен индикатор за подготвеноста на земјата да стане членка на Европската Унија. Преку изминатите 38 изданија на емисијата Еурофокус, голем број граѓани добија релевантни факти и информации не само за придобивките од членството во ЕУ, туку и во однос на процесот на преговори, предизвиците и потребните реформи.

„Улогата на медиумите во градење на внатрешната кохезија и свеста кај граѓаните не само за придобивките од членството во ЕУ, туку и во однос на процесот на преговори, предизвиците и потребните реформи е клучна“, нагласи Шерифе Исмаили Касапи од Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги УНОПС и менаџер на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“.

Во рамките на проектот Еурофокус беа емитувани 43 часа информации поврзани со процесот на пристапување во ЕУ, кои стигнаа до 630.000 гледачи, беа направени интервјуа со околу 100 гости, се спроведоа четири истражувања на јавното мислење и се презентираа 15 истражувања од трети страни, а 30 претставници на граѓански организации и медиуми беа обучени за процесот на интеграција во ЕУ.