Скопје, 16 јули 2020.

Министерството за надворешни работи се подготвува за преговорите за членство во ЕУ

Претстојните преговори за членство во ЕУ ќе бидат голем тест за државните институции. Министерството за надворешни работи (МНР) ќе биде една од клучните институции со задача да координира и спроведе активности кои се поврзани со кластерот надворешни односи и надворешна, безбедносна и одбранбена политика. Активностите на МНР во оваа насока, вклучително и развојот на соодветна правна и институционална рамка, се дел од Националната програма за усвојување на правото на европската унија (НПАА).

За спроведување на овие идни активности, вработените во МНР ќе треба да развијат дополнителни вештини кои ќе им помогнат да се справат со овие предизвици. Минатата година, проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“ спроведе оценка на капацитетите на вработените во МНР, врз основа на која се мапираа потребите за идно зајакнување на вештините во одредени области. Оваа оценка ги одреди областите во кои треба да се зајакнат капацитетие на вработените и тоа од подготвување и презентирање на позициите на земјата во однос на членството на ЕУ, до хоризонтални прашања поврзани со форматот и методологијата на пристапните преговори. Врз основа на овие заклучоци и соработката со различни директорати во министерството, се изготви план за обука на вработените. Планираните обуки ќе бидат спроведени од страна на локални и меѓународни експерти со значително искуство и експертиза во наведените области.

Спроведувањето на планот за обука започна на почетокот на месец јули со онлајн работилница за вештини за презентација и комуникација која ја спроведе Верица Андреевска, надворешен консултант на УНОПС. Раководен кадар од МНР дискутираше и беше обучен на различни теми поврзани со комуникација вклучително и видео конференции, управување со кризна комуникација и вештини за јавно презентирање. Во наредниот период се планира спроведување на дополнителни обуки од страна на локални и меѓународни експерти согласно планот за обука изготвен од страна на проектот.