Скопје, 7 октомври 2020.

Состаноци на меѓуресорските групи за признавање професионални квалификации

На 6 и 7 октомври Министерството за образование и наука, со поддршка на проектот, одржа два состанока на меѓуресорската група за меѓусебно признавање професионални квалификации, продолжувајќи ја соработката која почна минатата година. Претставниците на надлeжните министерства и претставниците на професионалните комори и здруженија, на овие состаноци кои ги водеше Секретаријатот за европски прашања, го дискутираа акцискиот план за спроведување активности за воспоставување фунционален систем за признавање на професионалните квалификации.

Воспоставувањето целосен и фунционален систем на заемно признавање квалификации е сложен и сеопфатен процес, кој вклучува голем број институции и професионални комори. Овој процес вклучува усвојување на новиот закон за меѓусебно признавање  професионални квалификации и подзаконски правни акти, во чие изготвување учествуваше и проектот, потоа назначување на надлежните институции, тела и национален координатор и координативна група, објавување на сите потребни информации преку главната точка за контакт и воспоставување  електронски процедури и соодветен центар за поддршка. Според акцискиот план, усвојувањето на новиот закон е предвидено за втората половина на 2021 година. За да се овозможи оперативност на овој закон и целосна транспонираност на ЕУ-директивата, треба да се донесат 16 правилници и 5 одлуки.

Процесот на усогласување на домашното законодавство во областа на професионалните квалификации со тоа на ЕУ е дел од третото поглавје од преговорите за членство во ЕУ, кое се однесува на правото на основање и слобода на давање услуги. Работата во областа на признавањето професионални квалификации е нотирана и во последниот извештај за Северна Македонија подготвен од страна на Европската комисија. Во овој дел се констатира дека земјата има остварено ограничен напредок. Во извештајот се наведува дека покрај усвојувањето на законот, државата треба да подготви електронски регистар на акредитирани професионални квалификации, како и транспарентна листа на сите регулирани професии и информации за нивната оправданост. Покрај тоа, извештајот забележува дека е потребно да се зајакне капацитетот на Министерството за образование и наука за спроведување на овие реформи.