Главна цел на обуката за новинари е да се зајакне капацитетот на медиумите во однос на креирање на новинарски содржини за процесот на преговори со Европската Унија преку споделување на релевантни ресурси за добивање квалитетни информации кои ќе придонесат за транспарентност на самиот процес.
„Шведска ја дефинира слободата на изразување, како и слободата на медиумите и плурализмот како столбови на демократијата, бидејќи тие претставуваат области од витално значење за секоја отворена и слободна дебата. Шведска верува дека медиумите имаат клучна задача на чувари со цел да се осигура отчетноста на владите и јавните власти“, изјави Микаел Атерхаг, координатор на Сида за Западен Балкан, Турција и Латинска Америка.
Обуката се спроведува од тим на локални експерти и експерти од Секретаријатот за европски прашања, меѓународни експерти од Србија и Црна Гора со директно искуство во процесот на преговори со ЕУ, како и новинар-уредник од регионот со долгогодишно искуство во покривање на теми поврзани со ЕУ.
„Секретаријатот за европски прашања се обврзува на максимална транспарентност, информирање и инклузивност во комуникацијата за евроинтегративните процеси. Јавноста е нашиот најголем сојузник во овој процес, а без активни, ангажирани, добро информирани и професионални медиуми, нашата цел ќе биде многу потешко остварлива. Оваа обука, верувам, е само прва во низата на блиска и отворена соработка со сите медиумски работници во иднина“, истакна Калинка Габер, државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.
Обработката на темите кои се опфатени со обуката треба да им помогне на новинарите дополнително да се подготват и да го унапредат своето знаење за принципите на функционирање на Европската унија, да добијат подетални информации за новата рамка за преговори, различните аспекти на заедничките политики на ЕУ, придобивките од договорите за асоцијација и стабилизација, како и да слушнат за предизвиците за транспарентност на процесот на интеграција.
Новинарите се „четвртата власт“, главниот коректив, но и партнер на државните институции кои го предводат процесот на евроинтеграции. Само добро подготвени и информирани новинари, кои ја познаваат суштината на процесот на пристапување кон ЕУ, можат коректно и успешно да ја одиграат својата улога, движејќи се рака под рака со останатите општествени чинители. Објективното и навремено информирање на јавноста околу европеизацијата на македонското општество, како и за реалната подготвеност на државата за пристапување кон ЕУ, треба да бидат приоритет на медиумите и на новинарите“, рече Иван Стефановски од Евротинк кои ја спроведуваат обуката.
Презентациите на експертите и дискусиите на новинарите и предавачите за време на обуката ќе послужат за изготвување на Прирачник за медиумско известување за процесот на преговори со ЕУ кој ќе ги собере на едно место достапните извори и алатки за изготвување на медиумски содржини за процесот на ЕУ интеграција.