Скопје, 13 јули 2021.

Започнува чистењето на линданот од малата депонија во ОХИС

Денес и официјално започна процесот на чистење на линдан и неговите изомери од малата депонија во кругот на ОХИС. Сложената операција на чистење претставува заедничка координирана активност на Влада на Република Северна Македонија, Министерство за животна средина, УНОПС и УНИДО.

Избраниот изведувач, компанијата Полиеко започна со подготвителни активности за расчистување на теренот, обезбедување и поставување на потребната опрема и механизација околу малата депонија во кругот на фабриката ОХИС во Скопје. 

 „Со овој проект ја потврдивме нашата решеност да ги елиминираме  жешките точки во земјава. Во изминатиот период безбедно беа  отстранети и уништени огромни количини на екстремно опасни хемикалии што со децении беа складирани во кругот на ОХИС, а денес присуствуваме на почетокот на чистење и на линданот, како историски проблем на чие што решавање посветивме многу внимание и енергија“, изјави министерот Нуредини, најавувајќи дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина прават напори да се обезбедат средства од повеќе извори за чистење и на големата депонија. 

Во изминатите три години Норвешка обезбеди 1,5 милиони евра како поддршка на чистењето на малата депонија во ОХИС преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, како и преку донации во Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина. 

„Со нетрпение очекувам да се вратиме повторно тука кога проектот ќе биде завршен и кога граѓаните ќе имаат безбедна животна средина“, изјави Стефан Сандстад, првиот секретар на Амбасадата на Норвешка на настанот со кој се обележа почетокот на работите на терен.

Се очекува процесот на чистење на линданот, кој се спроведува во согласност со најдобрите меѓународни практики да заврши до Јули 2022. За  чистењето на малата депонија е воспоставена соработка на две агенции на Обединетите Нации, УНИДО и УНОПС. 

„Оваа комплексна операција на чистење е овозможена преку силна соработка и водство на Владата, Министерството за животна средина, Амбасадата на Норвешка и преку соработка со уште една агенција на Обединетите нации, УНИДО која е специјализирана агенција која ги поддржува земјите во нивните напори за управување со  животната средина. Во оваа партнерство, УНОПС раководи со Повеќе-партнерскиот фонд за животна средина кој е воспоставен за да ги мобилизира националните и меѓународните ресурси потреби за чистењето како и за координација на донаторите“, изјави Микела Телатин, шеф на канцеларијата на УНОПС за Северна Македонија.

Проценетата вредност на комплетното чистење и уништување на линданот и неговите изомери од малата депонија во ОХИС изнесува приближно 8 милиони евра, а се очекува да заврши во јули 2022 година.